Одделение за култура - Град Скопје

Одделението за култура припаѓа на Секторот за јавни дејности во Град Скопје. Одделнието за култура врши работи поврзани со институционална и финансиска поддршка на културните установи и проекти од значење за градот Скопје, како и  организирање на манифестации од областа на културата од интерес на Град Скопје. Предлага активности во доменот на професионалното, аматерското и младинското делување во следните области: изведбени уметности, музички уметности, визуелни уметности и уметност на новите медиуми, издавачка и библиотечна дејност, музејска дејност и промоција на културното наследство, меѓународна соработка. Поднесува предлог-проекти за учество на меѓународни јавни повици од областа на културата, организира и реализира меѓународни проекти во надлежност на Град Скопје, предлага и подготвува програма за одбележување на настани и личности од значење за градот Скопје, ја подготвува одлуката за подигање, чување и заштита на спомен обележја и другите прописи од надлежност на Град Скопје, иницира и ја спроведува постапката за основање на јавни установи од областа на културата…

Јавни и културни установи под надлежност на Град Скопје се: Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, Културно информативен центар – Скопје, Младински културен центар – Скопје, Музеј на Град Скопје, Универзална сала – Скопје, Зоолошка градина – Скопје, Детски културен центар „Карпош“ и Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје.

Одделението за култура работи според однапред подготвена Програма. Програмата е важен механизам кој овозможува градење динамична културна сцена која ја одразува енергијата на метрополата и ја зајакнува нејзината глобална културна репутација. Во Програмата се опфатени активности што се реализираат во текот на една календарска година, а преку кои се имплементираат надлежностите на Градот Скопје во областа на културата и се дефинира локалниот интерес во културата. Во неа е опфатено финансирањето и работата на јавните установи од областа на културата чиј основач е Град Скопје, како и проекти што ќе бидат реализирани од страна на други физички и правни  лица од областа на културата кои што делуваат на подрачјето на град Скопје, а кои ќе бидат избрани по пат на јавни повици или постапка за јавни набавки. 

Одделението за култура, односно Градот Скопје,  го остварува  и локалниот интерес  во културата  преку обезбедување на институционална и логистичка поддршка на активностите кои поттикнуваат меѓународна и меѓуопштинска соработка во областа на културата со разни меѓународни и домашни субјекти, локални самоуправи, национални управни тела и други сродни организации.

Таков е европскиот проект CreArt 3.0, преку кој се внесуваат иницијативи во културниот живот во Скопје на полето на визуелните уметности, се воспоствуваат нови меѓународни партнерства и размени, а истовремено се овозможува учество на уметниците и кураторите од Скопје во програмските активности.

Една од стратешките цели на Одделението за култура и Град Скопје е и реализацијата на програмата со активности поврани со Европска Престолнина на културата – Скопје 2028, со цел кај граѓаните да се подигне свеста за значењето на оваа престижна титула, со која градот може да го забрза својот економски, социјален и воопшто урбан развој.

Преку Одделението за култура се реализираат и остваруваат и капиталните инвестиции на Град Скопје во културата,  градежни и инфраструктурни активности и набавка на опрема во јавните установи од областа на културата чиј основач е Град Скопје, но и капитални инвестиции во културата чие што остварување е во надлежност на Одделението за култура при Секторот за јавни дејности, а се реализираат од страна на економски оператори избрани со соодветна постапка.

Скролај до врвот