ЈУ МУЗЕЈ НА ГРАД СКОПЈЕ

Музејот на град Скопје бил формиран во 1949 година, по Втората светска војна, кога бил именуван како Народен музеј на град Скопје. По катастрофалниот земјотрес во Скопје и по санацијата, во 1971 година, Музејот на град Скопје бил сместен во зградата на Старата железничка станица, изградена во 1939 година, по проект на архитектот Велимир Гавриловиќ. Зградата како Споменик на културата е ставена под статус на заштита во 1971 година. Денес, музејот се протега на 4670 м2, од кои 1500 м2 се изложбен простор. Во состав на музејот се и депандисите Музејот на Старата скопска чаршија – сместен во Сули Ан, споменик на култура од 19 век и Меморијален музеј на илегалните работници за производство на оружје за време на НОБ.

          Музејот на град Скопје е културна установа која има за цел да истражува, собира, чува, документира, заштитува, презентира и публикува музејски материјал од областа на археологијата, историјата, етнологијата, историјата на уметноста и архитектурата на градот Скопје и неговата околина.

          Комплексноста на музејот се отсликува преку разновидноста на тематиката која ја обработуваат стручни одделенија: археолошко, историско, потоа одделение за етнологија, за историја на уметност и за архитектура.

          Бројот на музејски предмети во Музејот на град Скопје, ја надминува бројката од 40.000 музејски артефакти, од кои голем дел се презентирани и публикувани. Освен постоечките музејски збирки, Поседува и донации од различни области на културата.

          Структурата на музејот ја сочинуваат одделенијата за обработка, чување, користење на документација за движно културно наследство, потоа за едукација и водичка служба и конзервација и реставрација на музејскиот материјал. Библиотеката на музејот располага со богат библиотечен фонд со вкупно 7109 наслови, од кои 400 наслови на ретки и стари книги, кои потекнуваат од крајот на 19 и почетокот на 20 век.

          Издавачката дејност на музејот се претствува преку богатиот фонд на каталози од различни ликовни и тематски изложби, но и неколку монографски изданија кои ја презентираат богатата историја на градот Скопје, преку објавувањето на богатото археолошко наследство, средновековната сакрална уметност, културниот живот во градот и неговата архитектура.

          Музејот за својата 70 годишна работа има добиено награди, благодарници, плакети и признанија.

Ул. „Св. Кирил и Методиј“ бб, 1000 Скопје
Тел. +389 23115 369
https://museumskopje.mk

Скролај до врвот