ЈУ ГРАДСКА БИБЛИОТЕКА БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ

Градската библиотека е основана во 1945 година, а од 1963 година го добива името „Браќа Миладиновци“. Од 1974 година сите библиотеки во Скопје се интегрираат во библиотека „Браќа Миладиновци“.

          Библиотеката извршува библиографско – информативна дејност, ја развива и унапредува библиотечната продукција во градот, набавува, истражува, собира, стручно обработува, информира, презентира, популаризира и дава на користење библиотечен материјал.

          Располага со фонд од над еден и пол милион книги, публикации и друг вид библиотечен материјал.

          Библиотеката својата дејност ја развива на подрачјето на градот Скопје.
          Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ е јавна установа од областа на културата чиј основач е градот Скопје. Во организационата поставеност се состои од 4 централни библиотеки, 12 подружници и подвижната библиотека „Библиобус“, распространети низ градот Скопје и претставуваат современ библиотечно-информациски сервис, регионален и едукативен центар.

Ул. „Партизански одреди“ бр.22, 1000 Скопје 
Тел. ++ 389 (0) 2/ 3162 544
e-mail: biblmiladinovci@gbiblsk.edu.mk

https://gbsk.mk

          Во организационата поставеност на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, спаѓаат следниве централни библиотеки:

         Библиотека  „Страшо Пинџур“

          Централната библиотека „Страшо Пинџур“ е основана во 1946 година со соединување на неколку помали библиотеки од страна на Градскиот одбор. Во 1956 година Библиотеката e прогласена за општинска, а во 1962 за матична библиотека на општината  Кисела Вода. Во 1974 година, со трите самостојни библиотеки се интегрира и работи во составот  на Градската библиотека  „Браќа Миладиновци“. Во состав на оваа централната библиотека работат и 6 библиотеки – подружници.

 

Ул. „11-ти Октомври“  бб, Општина Центар, 1000 Скопје      
Тел. ++389 (02)  3128 306

e-mail: biblmiladinovci@gbiblsk.edu.mk

          Библиотека  „Цветан Димов“

          Централната библиотеката „Цветан Димов“ e една од најстарите библиотеки во градот. Датира од 1947 година и од самите почетоци до денес е мултиетничка, единствена од таков вид во Скопје. Според организациската поставеност,  библиотеката  „Цветан Димов“ со своите 4 подружници е многу важен сегмент во мозаикот од библиотеки кои ја сочинуваат Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје.

Ул. „Христијан Тодорвски Карпош“ бр. 5, 1000 Скопје

 Тел. ++389 (02) 2602 009

e-mail: biblmiladinovci@gbiblsk.edu.mk

          Библиотека „Другарче“

          Библиотеката „Другарче“ е основана во 1954 година, како библиотека за деца, а од 1974 година прераснува во современа библиотека која во целост одговара на предизвиците на новото време и со интеграцијата на четирите самостојни библиотеки во Скопје, функционира како централна библиотека во рамките на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Библиотеката, со своите 2 подружници, им нуди на читателите многубројни услуги, културни активности и настани.

Ул. „Никола Русински“ бр. 1, Општина Карпош 3, 1000 Скопје

Тел. ++389 (02)  3061-551

e-mail: biblmiladinovci@gbiblsk.edu.mk

          Подвижна библиотека БИБЛИОБУС

          Подвижна патувачка библиотека – Библиобус или подвижно библиотекарство, е адаптирано возило опремено со книги наменети за ученици.

Библиобусот, од формирањето до денес, има за цел промоција на книгата, достапност на информации, развој на култура на читање и создавање навика за читање кај детската популација.

          Библиобусот посетува повеќе скопски приградски населби и села, односно 19 училишта во селата: Марино, Мралино, Бунарџик, Текија, Мршевци, Кучевиште, Сопиште, Сушица, Оризари, Припор, Долно, Средно и Горно Коњари, Добри Дол, Побожје, Долно Соње, Орман, Чифлик, Лисиче, Трубарево Волково.

          Учениците се ослободени од наплата за амортизација на позајмените книги.

Подвижната библиотека работи пет дена во неделата, од септември до јуни, и ги посетува училиштата според претходно утврден план. Со Библиобусот се овозможува полесен пристап и популаризација на книгата и до оние места кои се оддалечени од централните библиотеки и нивните подружници.

Скролај до врвот