ЈУ МЛАДИНСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР - СКОПЈЕ
Младинскиот културен центар – Скопје е јавна културна институција основана во 1972 година, која повеќе од пет децении континуирано дејствува во областа на културата со јасна ориентација кон младата популација. Основната мисија на МКЦ е промоција, поддршка и развој на културни активности создадени од млади луѓе или наменети за нив, со што Центарот се етаблирал како стратешки важен простор во културниот и општествениот живот на младите во Скопје, но и на национално ниво.
МКЦ функционира како отворена платформа за слободен културен израз, размена на идеи и афирмација на современи културни вредности, притоа продуцирајќи и промовирајќи современи културни настани и уметнички дела од домашни и меѓународни автори и овозможувајќи нивно поврзување и соработка.
Програмската дејност на МКЦ опфаќа настани од различни области, меѓу кои изложби, концерти, театарски претстави, филмски проекции, работилници и дебати, фестивали – додека паралелно институцијата функционира и како сервис и логистичка поддршка за бројни невладини организации и независни уметници. Во рамките на своето програмско портфолио, МКЦ е организатор на три значајни меѓународни фестивали – Млад отворен театар – МОТ, фестивалот на европски филм CINEDAYS и фестивалот на нова музика ЗДРАВО МЛАДИ, со што дополнително го зајакнува своето меѓународно позиционирање.
Покрај тоа, институцијата управува со Детски креативен центар наменет за културна едукација на најмладите, како и со единствената Планетариум сала во државата, со редовна едукативна и јавна програма.
Во надлежност на МКЦ е и киното „Милениум“, како надворешна подружница со комерцијална и авторска филмска понуда.
Со тим од вработени и програмски координатори со долгогодишно искуство во културниот менаџмент, МКЦ претставува клучен и ресурсно значаен субјект во младинската културна сфера, со јасна ориентација кон развој на транснационални партнерства и одржлив културен развој.
Од 2021 година, МКЦ стана членка на меѓународната мрежа на концертни сали LIVEUROPE со која се овозможува поддршка на млади музички артисти од Европа, а во 2018 година со фестивалот CINEDAYS станува членка на престижната Меѓународна федерација на асоцијации на филмски продуценти FIAPF.
Кеј „Димитар Влахов“ бр.15, 1000 Скопје
Тел: + 389 (0) 2 311 5225
е-mail: info@mkc.mk
https://kinomilenium.mk
https://cinedays.mk
https://mot.mk
https://zdravomladi.mk
https://facebook.com/mkc.mkd/?locale=mk_MK
Instagram.com/mkc_skopje/

