ЈУ КУЛТУРНО ИНФОРМАТИВЕН ЦЕНТАР - СКОПЈЕ

Културно-информативен центар – Скопје е една од најстарите и најзначајни културни установи во градот, со длабоки корени во културниот живот на Скопје. Основан e во 1967 година. Центарот од самиот почеток се профилира како отворен и динамичен простор за културна размена, креативен израз и афирмација на уметноста во сите нејзини форми. Сместен на атрактивна локација, во централното градско подрачје, во репрезентативно здание проектирано од архитектот Славко Брезоски, Културно-информативниот центар претставува препознатливо јадро на културните случувања во Скопје.

          Во текот на повеќедецениското постоење, Центарот реализирал повеќе од 10 000 културни настани – ликовни изложби, концерти, театарски претстави, литературни вечери, перформанси и мултимедијални проекти. Програмата е насочена кон презентација на реномирани домашни и меѓународни уметници, но и кон поддршка и афирмација на млади автори со исклучителен потенцијал. Настаните се одржуваат во два изложбени салони и во театарско-концертната сала „Салон 19:19“, еден од најпрепознатливите културни простори во градот.

          Програмската дејност на Културно-информативниот центар се реализира преку повеќе меѓусебно поврзани сектори кои континуирано ја збогатуваат културната сцена на градот: ликовен сектор (со графичко студио и продажен салон), музички сектор, литературен сектор,  драмски сектор, градски информатор/магазин.

            Ликовниот сектор, со изложбените салони „Империјал 1“ и „Империјал 2“ и продажниот ликовен салон, реализира изложби од областа на сликарството, скулптурата, графиката и мултимедијалните уметности, претставувајќи голем број на култни македонски и меѓународни уметници, но и млади автори на кои им се овозможува афирмација и директен контакт со публиката.

            Музичкиот сектор организира концерти со истакнати домашни и светски уметници и ансамбли, негувајќи широк спектар на музички жанрови – од класична и џез до електронска и современа музика, со цел создавање и развој на нова концертна публика и поттикнување на младите музичари. Покрај редовните активности Центарот го организира и летниот Open air фестивал „Звукот на Скопје“, a го одбележува и „Денот на пијаното“ кага настапуваат актуелни локални, но и интернационални имиња.

            Литературниот сектор организира литературни вечери, промоции и поетски читања, ја афирмира книжевната уметност и им дава простор на етаблирани и млади писатели да ја претстават својата творечка продукција пред љубителите на пишаниот збор.

            Драмскиот сектор, поставува театарски претстави во Салон 19:19 и има значајна улога во развојот на театарската публика, овозможувајќи простор за нови театарски групи, монодрами, детски и возрасни претстави, како и први сценски настапи на бројни артисти.

            Секторот за графички дизајн и визуелни комуникации активно учествува во креирањето на визуелниот идентитет на програмите на Центарот преку дизајн на плакати, покани, билборди и електронски маркетинг, како и преку печатење и презентација на графички дела од реномирани автори.

            Информативната дејност на институцијата е обновена со електронскиот градски културен магазин „Скопје култ“, двомесечен водич за културните случувања во Скопје, кој преку прегледи на настаните и авторски текстови придонесува кон унапредување на културната информираност и развој на урбаната културна публика.

          Со својата традиција, континуитет и отвореност кон современите културни текови, Културно-информативниот центар и понатаму останува еден од столбовите на културниот идентитет на градот и значаен простор за создавање, дијалог и културна размена.

 

Ул. „Филип втори македонски“ бб, 1000 Скопје

Тел: + 389 02/3115 679

e-mail: info@kic.mk

https://kic.mk/

https://facebook.com/KulturnoInformativenCentar

Скролај до врвот